Помошна улога на Црвениот крст на властите во државата

Помошната улога на Црвениот крст претставува обезбедување поддршка на властите во државата преку дополнување или замена на јавни хуманитарни услуги во мирновременски околности и за време на итни состојби, истовремено дејствувајќи во согласност со основните принципи, особено во однос на запазување на својата неутралност и независност. Властите во државата и Црвениот крст како помошник на властите имаат специфично и карактеристично партнерство, кое носи меѓусебни одговорности и придобивки, врз основа на меѓународни и национални закони, преку кои властите и националното друштво се согласуваат за области во кои Црвениот крст ќе надополнува или ќе биде овластен да врши јавни хуманитарни услуги.

Црвениот крст на РСМ од своето формирање до денес негува плодно партнерство со државните институции и согласно со својот мандат испорачува услуги вршејќи ја својата помошна улога преку свои редовни активности и за време на итни состојби испорачувајќи низа услуги од интерес за различни целни категории на корисници. На овој план Црвениот крст на РСМ обезбедува повеќе суштински услуги како што се подготвеност, одговор и опоравување од кризни состојби и катастрофи, справување и адаптирање на новонастанати ризици од климатски промени и поддршка за луѓето да се прилагодат и справат со овие предизвици.

Црвениот крст исто така има водечка улога во организирање национални кампањи за населението погодено од кризни состојби и катастрофи во земјата и странство. Националното друштво исто така дава посебен придонес во унапредување и промовирање на доброволното крводарителство и првата помош, здравствена превенција од заразни и незаразни заболувања и промовирање на навики за здраво живеење, обезбедување услуги во областа на психосоцијална и психолошка поддршка, промовирање и мобилизирање на волонтери, дисеминирање на хумани вредности и меѓународно хуманитарно право, воспоставување семејни врски за разделени семејства како резултат на итни состојби, обезбедување на поддршка за мигранти и бегалци, бездомници и обезбедување социјални услуги за ранливи категории на граѓани во државата како и анимирање и поддршка на младите и лицата од трето доба.  

Дел од овие услуги Црвениот крст ги обезбедува самостојно и во целост со овластување и во име на државата а дел од услугите претставуваат комплементарен придонес и поддршка на напорите на другите државни и недржавни институции и организации.

Црвениот крст во континуитет гради посебна платформа за соработка со властите во државата со цел да обезбеди практични насоки за градење партнерства кои ќе придонесат за зајакнување на помошната улога на Црвениот крст на РСМ преку домашното право, политики, планови и договори кои ќе му овозможат на националното друштва уште поефикасно и поефективно да ги спроведува своите операции во земјата а притоа да обезбедува комплементарни услуги за институциите во државата со цел да се обезбеди ефикасен одговор на различни хуманитарни предизвици со кои се соочуваат широк спектар на целни групи на корисници на услуги на Црвениот крст.