Работилница Советување на родители
На 31 октомври 2025 година, во организација на Црвениот крст на Република Северна Македонија, се одржа работилница на тема „Советување на родители“. На настанот учествуваа вкупно 20 психолози од различни општински организации на Црвениот крст и соработнички институции.
Работилницата имаше за цел да ги зајакне стручните капацитети на психолозите во областа на психолошкото советување и поддршката на родителите, како дел од активностите за унапредување на менталното здравје и благосостојбата на семејствата.
Во рамките на програмата беа опфатени следните теми:
- Развојни теории и нивната примена во разбирањето на детскиот и семејниот развој;
- Психолошко советување – техники, принципи и комуникациски пристапи;
- Советување на родители при справување со различни предизвици во воспитниот процес;
- Практични вежби и студии на случај, преку кои учесниците имаа можност да ги применат стекнатите знаења во реални и симулирани ситуации.
Работилницата се реализираше во интерактивна и конструктивна атмосфера, со размена на искуства и добри практики меѓу психолозите. На крајот од настанот, учесниците изразија задоволство од организацијата и ја потенцираа важноста на ваквите форми на континуирана едукација, кои придонесуваат за подобра поддршка на семејствата и зајакнување на хуманитарната мисија на Црвениот крст.
